И покрај високите казни – тротоарите блокирани од автомобили

Автомобили паркирани на тротоари, зафатени пешачки премини, пешачки острови претворени во мини паркинзи, непочитување на сообраќајните правила и прописи на секаков можен начин се` уште е честа слика низ речиси сите населби. Пешаците се принудени да се движат по коловозните ленти што додатно ја загрозуваат својата и безбедноста на другите.

Во акција реализирана минатиот месец, за само две недели ЈП „Паркинзи на општината Центар“, во соработка со сообраќајната полиција се обиде да ги расчисти нелегално паркираните автомобили, одземајќи 144 возила што го попречуваа нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот. Со поставување „блокатори“ се санкционирани 242 возила што биле затекнати во резидентни зони а не биле корисници-резиденти на секторот во кој биле паркирани. Од „Паркинзи на општината Центар“ велат дека секојдневно се подигаат возила на територијата на централното градско подрачје. За половина година имаат отстрането 3.688 возила.

– Во 2018 година пајак-службата на ЈП „Паркинзи на општината Центар“ има отстрането или преместено околу 7.000 непрописно паркирани возила на територијата на општината Центар. Во 2019 година, заклучно со јуни, бројот на непрописно паркирани возила изнесува 3.688 – велат од ПОЦ.

Податоците укажуваат дека во 2018 година во просек на ден биле одземани по 19 возила, додека, пак, годинава по 20 возила на ден. Во викендите оваа бројка е помала и се одземаат 10-15 возила. Пајаците работат во сабота само до 16 часот. Надлежните тврдат дека лошите навики на возачите и недоволниот број паркинг-места се главна причина за сообраќајниот метеж и непрописното паркирање во градот.

Какви се казните ?

- Во согласност со ценовникот на услугите за отстранување и преместување на непрописно

запрени или паркирани возила, казната изнесува 2.500 денари,

- за отстранување од зелена површина чини 3.500 денари,

- за преместување од паркинг-место наменето за лица со посебни потреби возачите се казнуваат

со парична казна од 6.000 денари.

- Законот за безбедност на сообраќајот и патиштата вели дека возачот не смее да го запре или паркира возилото на место што би претставувало пречка за нормално одвивање на сообраќајот или за движењето на пешаците и велосипедистите. Во спротивно, се предвидува казна од 45 евра во денарска противвредност, со можност за регистрирање 25 негативни поени.