И покрај судската постапка која е во тек Шилегов избра нов концесионер за Дрисла

Советот на Град Скопје на денешното продолжение на 30-та седница донесе одлука со која за нов концесионер на депонијата „Дрисла“ е избран Конзорциумот предводен од „SCHOLZ AG“ од Република Германија, составен од SCHOLZ AG – Германија, C.I.O.S.d.o.o – Хрватска и СПЛЕНДОР МАК ДООЕЛ од Република Северна Македонија.

Градот оваа одлуката ја носи во период кога претходниот концесионер,  италијанскиот конзорциум „ФЦЛ Амбиенте“  низ судска постапка ја бара правдата. Град Скопје во 2011, во мандатот на градоначалникот Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ, ја избра италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“ за концесионер на Дрисла во наредните 35 години. Германски „Шолц“, второпласирана фирма на тендерот, двапати го обжалуваше договорот со италијанската фирма, по што Управниот суд пресуди дека поради неправилности во тендерската постапка треба да се склучи нов договор, но Град Скопје, додека градоначалник беше Трајановски, повторно на двапати склучуваше договор со „ФЦЛ Амбиенте“.

По повторната тужба на Германците во октомври 2017, Управниот суд донесе одлука Град Скопје да го раскине договорот со Италијанците и да склучи нов со Германците. По оваа одлука, на крајот на 2017 пред Нова година градоначалникот Шилегов рече дека ќе поднесе жалба до Вишиот Управен суд, во која бараше да се врати депонијата целосно во сопственост на Градот, па дури потоа да се бара нов концесионер кој ќе биде обврзан да воведе најсовремени технологии за третирање на отпадот и ѓубрето на Дрисла.

Носењето на ваква одлука од страна на градоначалникот Шилегов и градската администрација е директно мешање во одлуките на судот.  Од тука се наметнува прашањето: Што ќе се случи ако судот го прифати барањето на италјанскиот конзорциум за повторување на постапката? Дали тогаш градоначалникот Шилегов ќе одговара за постапките кои ги презема во овој вакум период?