И по итна постапка се закажува дури за две недели

Во пресрет на летните одмори и зголемениот број на барања го закочија системот за издавање на патни исправи во Министерството за внатрешни работи.

Граѓаните се жалат дека по итна постапка и со цена двојно поголема од редовната не може да се најде слободен термин и да се закаже за патна исправа. За термин по итна постапка се чека неколку недели, а за редовна повеќе од месец дена.

На веб страницата на МВР во делот за издавање патни исправи по итна постапка пишува дека пасошот се изготвува во рок од 48 часа од денот на поднесување на барањето, а цената на образецот за итен пасош, се зголемува три пати во однос на редовната цена, постапката чини 4.800 денари.

„Ако граѓанинот бара изготвување на пасош во итна постапка, истиот ќе се издаде најдоцна во рок од 48 часа од часот на поднесување на барањето за издавање на пасош, освен ако се издава поради лекување во странство, смрт или тешка болест во семејството“, пишува на страницата на МВР.

Со ваков проблем Министерството за внатрешни работи се соочува речиси секоја година. Претходните години гужвата и зголемениот обем на работа се решаваше со отворање нови пунктови за издавање лични документи и работа за време на викенд. Засега сеуште нема најава за решение кое ќе треба да ги намали гужвите и главоболките на скопјани.