И по 11 години, ѕвезденото небо светна за Тоше, емоции и солзи на концертот во Скопје (видео)

„Твоите бакнежи на моите бели кошули“, „Тајно моја“, „Чија си“, „Игри без граници“, „Цреша“….. И по 11 години од заминувањето на својот идол, публиката, од повеќе генерации, од збор до збор ги пееше стиховите, кои се врежани во нивните срца.

Фото: Дарко Андоновски/Нова МАкедонија

На песната „Полско цвеќе“ публиката со своите телефони го направи ѕвезденото него што Тоше секогаш го бараше на неговите концерти.

Повод за мегаконцертот, во организација на фондацијата „Тодор Проески“ беше претставувањето на албумот „Secret place“, во продукција на британскиот продуцент Енди Рајт, со седум досега необјавени песни на Тоше.

Премиерно беа прикажани и два спота, а еден од најемотивните моменти беше кога на сцената застана 20 -годишниот Кристијан Ристески, внукот на Тоше, кој ја испеа „We are blood“, додека на видеобимот се сменуваа слики од семејниот фото-албум на кои тој е во прегратките на својот сакан вујко. И без оглед на тремата и емоциите, тој со својот настап докажа дека навистина и во него тече крвта на Тоше.