И пешаците имаат обврски: 30 евра казна доколку не поминувате на пешачки

И децата од 4 години знаат дека улица се поминува на обележан пешачки премин. Возрасните, се разбира, дека го знаат ова правило, но не секогаш го почитуваат. 

Во последниве неколку месеци засилени се сообраќајните контроли со кои се санкционираат пешаци кои не поминуваат на обележан пешачки премин. Казната за овој прекршок изнесува 30 евра во денарска противвредност. 

Законот е дециден дека пешакот не смее да се движи и да се задржува на коловозот. Ако пешакот се движи по коловозот, тој задолжително треба да се движи што поблиску до работ на коловозот и тоа мошне внимателно и на начин на кој не го попречува или не го спречува сообраќајот на возилата. Во спротивно е предвидена глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност.

На сообраќајниците каде има семафори доколку пешаците минат на друго, освен на зелено светло, ќе се соочат со казна од 50 евра во денарска противвредност.