И оваа година на одмор во Грција нема да се патува по автопат

И оваа година на одмор во Грција нема да се патува по автопат.

Последните два километра од делницата Неготино – Демир Капија се очекува да бидат реконструирани и пуштени во употреба до средината на јули, а потоа до крајот на август поради комплетна реконструкција за сообраќај ќе биде затворен патот од спротивниот правец, Демир Капија – Неготино.

Пред три месеци директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов, најави дека планот е од јуни годинава од Табановце до Гевгелија да се вози по обновени и безбедни патишта. Вчера, пак, изјави дека свлечиште кое се појавило на последните два километри од патот Неготино -Дермир Капија кои останале за реконструкција, пуштањето во употреба може да го развлече до крајот на летово.

– Патот Неготино -Демир Капија и обратно е граден пред 15 години. Поради недоволни и неквалитетни геомеханички испитувања се случи тоа што се случи. Не сакаме повторно да трошиме пари на граѓаните, а ако ги трошиме, сакаме да ги трошиме квалитетно. Од патот Неготино – Демир Капија од 8,5 километри, кои се реконструираат, 6,5 се направени и пуштени. На остатокот на трасата се јави едно големо свлечиште. Во моментов го регулираме тоа свлечиште на најбрз можен начин, Градежниот факултет повторно прави геомаханички испитувања. Не е работата само да се стави потпорен ѕид и потоа повторно да се прави нов пат, објаснува Китанов.

Планирано е овој праверц да биде пуштен во сообраќај до крајот на овој месец, но Китанов вели дека очекува тоа да сс случи околу средината на наредниот.

– Во меѓувреме затворена е и другата траса од Демир Капија кон Неготино, за да се рехабилитира тотално во должина од 8,5 километри, за да може на почетокот или крајот на август да се пушти во употреба. Се надевам дека во овој дождовен период нема да се јави некое ново свлечиште, вели Китанов.

Реконструкцијата на овој пат почна кон крајот на 2016 година со план да заврши до април годинава. За нејзино извршување обезбедени се пет милиони евра од буџетот на ЈП за државни патишта.

За патот од Скопје до Блаце, директорот Китанов посочи дека се работи на проектот и најави дека тој ќе биде тендериран и направен. Не прецизираше термин кога би почнале градежните активности, со образложение дека се сака да се направи добра проект за подоцна да нема проблеми како со изградбата на други патни правци. Тој додаде дека во функција ќе остане и стариот пат до Блаце.

– Патот се проектира и ќе биде тендериран и направен. Во меѓувреме Јавното претпријатие за државни патишта во својата програма ја стави и рехаблитацијата на постојниот пат, истакна Китанов.