И ова ќе помине...

Во далечна кинеска провинција живеел еден сиромашен Кинез кој целиот свој живот го поминал работејќи најтешки работи, а ништо не спечалил. Сѐ што имал бил еден син кој неизмерно го сакал. Го научил да чита и пишува, го вовел во калиграфија и тоа бил целиот имот кој му го оставил кога починал.

Младиот човек тагувал покрај татковата постела, гледајќи како полека умира. Непосредно пред да го земе својот последен здив, таткото извадил две кутии: едната црна, а другата бела. Тогаш му рекола на својот син: „За жал, немам што друго да ти оставам. Чувај ги добро. Еден ден, кога ќе ти биде тешко, многу тешко во животот, отвори ја белата кутија. Отвори ја црната кутија кога ќе ти биде многу добро.“

Синот достојно го испратил својот татко, а тогаш го спакувал својот сад за храна, своите стапчиња, неколку парчиња облека, двете кутии и отишол во светот за да бара подобар живот.

Тогаш настапиле поплавите. Реката се излила и поплавила половина од полињата и нивите, настанал општ глад и за младиот човек повеќе немало ниту работа, ниту надеж. Лутал наоколу, спиел во шуми, го печело сонце и се мрзнел на студ. Еден ден се разбудил и видел дека некој го украл единственото нешто што го имал: садот за храна и памучната кошула. Младиот човек почнал да плаче: во очај одлучил да се убие. Ги склопил рацете, побарал прошка од небото за тоа што планирал да го направи и додека ги спуштал полека до телото, одеднаш во џебот ги почувствувал двете кутиичиња од својот татко.

Ја отворил белата кутија и во неа имало мала хартија и ништо повеќе. Го разгледал и го препознал татковиот ракопис. Пишувало: „И ова ќе помине!“

Сфаќајќи го тоа како таткова молба да продолжи да живее, не се убил.

Се упатил кон најблискиот град. На влезот во градот се собрале неписмени селани кои не можеле да влезат во градот, затоа што никој не можел да прочита што пишува на големата плоча над големата градска врата. Младиот човек се приближил и гласно им прочитал што пишува. Потоа луѓето влегле во градот. Влегол и тој.

Гласините за ова случување стигнале до племенската старешина кој веднаш го пратил својот слуга да го побара младиот човек. Кога го пронашол, му рекол дека на неговиот господар итно му е потребен писар. Со оглед на тоа дека младиот човек знаел да чита и пишува, тој ја добил работата. Старешината бил строг, на младиот човек му било тешко, но работел со мирни раце и чисто срце. Набргу почнале да му приоѓаат непознати селани кои го замолувале да им напише, прочита или толкува нешто. Тој на сите им излегувал во пресрет. Строгиот старешина бил праведен човек и знаел да . Добро го наградувал, а набргу за него одвоил и дел во својата куќа во која младиот човек почнал да живее.

Сѐ се променило. Тој по неколку години станал господар на мал имот, стекнал значително материјално богатство. Младиот човек кој во меѓувреме пораснал, голем дел од своите ноќи ги поминувал пиејќи чај во просториите на својот прекрасен дом, разговарајќи со својата сакана, учејќи ги своите синови да читаат и пишуваат. Првпат во својот живот бил навистина среќен.

Една вечер, тој почнал да размислува за својот живот: од најголемата беда, до најголемата среќа. Се сетил на сите свои маки, на својата желба да умре, се сетил на својот татко. А потоа се сетил на онаа другата кутија која му ја подарил неговиот татко и решил да ја отвори црната кутија. Во неа, како и во белата кутија, имало бела свиткана хартија. Ја одвиткал и на ливчето го препознал ракописот на својот татко, кој напишал: „И ова ќе помине!“.