И општина Карпош со субвенции за жителите кои ќе купат велосипед

Советниците во Општина Карпош ја изгласаа предлог-одлуката за распишување јавен оглас и спроведување постапка за одобрување субвенции на жителите на општина Карпош за купување нови велосипеди.

Локалната самоуправа ќе субвенционира со максимален износ од 3.000 денари финансиска помош за купување нови велосипеди по принципот прв пријавен, прв услужен.

Како што истакна градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, досега има голем интерес за оваа субвенционирана помош и нагласи дека по исцрпување на предвидените финансиски средства од буџетот на Општината, со негов ребаланс ќе се обезбедат нови финансии за продолжување на ваквата практика и во иднина.

Според Богоев, на овој начин ќе се поттикне користењето велосипед од страна на карпошани, а со тоа и ќе се придонесе за заштита на животната средина, односно нејзино помало загадување. Одлуката за субвенционирање ќе почне да важи од 26 април годинава.