И натаму најмногу заразени од ковид на возраст од 30 до 39 години

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, од минатиот до понеделникот оваа недела, половина од заразените (50,6 проценти т.е. 5630) се од Скопје. Најзастапена возрасна група кај инфицираните е од 30 до 39 години.

Зголемување на бројот на заболени има кај сите возрасни групи, особено кај лицата над 60 години, со раст од 99,6 отсто и кај тие од 50 до 59 – со зголемување од 90,3 отсто во однос на претходната недела. Во текот на минатата недела пријавени биле 1247 реинфекции, што споредено со неделата претходно е зголемување од 31,8 проценти. Од вкупно 96 позитивни примероци на SARS-CoV-2, кај 57 (59,4%) е детектиран сојот омикрон, откриен во седум градови (Скопје, Кавадарци, Тетово, Охрид, Кочани, Велес и Гевгелија).

Неделниот извештај на ИЈЗ покажува и дека од 10 до 16 јануари имало 55 смртни случаи од КОВИД-19, во 15 градови, што е за 34,1 проценти повеќе од минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (22) и се луѓе над 60 години. На болничко лекување се 439 лица што е една четвртина повеќе во споредба со претходна недела.