
Основното јавно обвинителство Гевгелија поднесе обвинителен предлог и побара определување мерка притвор за лице осомничено за кривичните дела „Телесна повреда“ и „Загрозување на сигурноста“, сторени при семејно насилство.
Според обвинителството, ноќта меѓу 18 и 19 јули, по вербална расправија во семејниот дом околу тестамент што го потпишала мајката на оштетената, обвинетиот најпрво ја навредувал сопругата, а потоа физички ја нападнал, удирајќи ја со тупаници и клоци по главата и телото. Притоа ѝ нанел повеќе крвни подливи.
Следната вечер, откако жената го пријавила случајот во полиција и заминала кај својата ќерка, обвинетиот испратил заканувачка СМС-порака на телефонот на ќерката. Во пораката навел дека, доколку сопругата не се врати дома, купил 10 литри бензин и ќе ја запали куќата, со што, според обвинителството, кај оштетените предизвикал чувство на страв и несигурност.
Јавниот обвинител побарал притвор, имајќи предвид дека обвинетиот и претходно бил осуден за кривично дело „Загрозување на сигурноста“ и му била изречена условна осуда од три месеци, при што рокот на проверка од една година сè уште трае.
Според обвинителството, постои опасност тој да го повтори делото доколку се брани од слобода.