И на Ѓорче и Хром им се спремаат 100 нови згради?

Од изминатата недела актуелна е темата со ДУП-от во Расадник каде локалните власти во Кисела Вода се во постапка на носење на план со кој се предвидува изградба на над 100 згради на ''празно'' место. Кратко пред оваа тема да се актуелизира, локалните власти во Ѓорче Петров усвоија ДУП - CЗ 20 кој ја опфаќа населбата Хром и централниот дел во Ѓорче Петров каде што исто така се предвидува изградба на над 100 објекти со намена А2 или колективно домување но во густо населено и изградено подрачје, предупредуваат граѓаните на општината.

Ова значи дека во овој дел на Ѓорче Петров би се населиле околу 15.000 нови жители ако се земе стандардот дека на секои 28 метри квадратни има по еден жител, околу 7.000 автомобили дополнително би го оптовариле сообраќајот, нешто за што е повеќе од јасно дека општината и нејзините институции немаат капацитет да ги администрираат потребите на сите овие нови сограѓани.

- Овој е дел од Ѓорче Петров кој што е најзагаден и од каде што мерните станици регистрираат рекордни ниво на ПМ10 честички. Сакаме да знаеме колку е зголемена квадратурата на зеленилото или што овој план предвидува во насока на зачувување и унапредување на животната средина?, реагираат жителите.