И музејот на ВМРО под анализа, ќе се урива ли и тој?

И Музејот на ВМРО набрзо ќе биде дел од анализата на работната група која врши ревизија на проектот „Скопје 2014“, најави министерот за култура Роберт Алаѓозовски. 

Комисијата нема да го поштеди ниту споменикот на плоштадот ВМРО. Според него, работната група веќе прави детални анализи на проектот дел по дел околу спорните споменици, по што ќе започне со рушење. Следни на удар се споменикот „Воин на коњ“ на плоштадот, порта Македонија, споменикот Мајка Тереза чија градба е веќе стопирана, а се размислува и за споменикот на Филип Втори.  

– Во таа смисла тие од една страна анализираат конкретни споменици, а од друга страна анализираат и институци. Музејот на ВМРО ќе биде набрзо дел на нивната опсежна анализа, а секако ќе се осврнат и на илјадата мали сувенири и статуетки од проектот Скопје 2014. Така што дел по дел адресираат различни аспекти. Нивните елаборати потоа ги преземаме во Министерството за култура, а заедно со интерресорската група од општина Центар и Градот Скопје разговараме како понатаму да се постапува. Доколку има потреба и Градот и Министерството и општината Центар преземаат продолжителни анализи со цел евентуалното отстранување да биде изведено согласно сите законски процедури, појасни министерот Алаѓозовски.

И додека градските власти го испраќаат споменикот на Ќосето во Металскиот Завод Тито, оној на УЧК кој никна во Чаир, нема да биде предмет на разработка, зашто според експертите, тој бил друга приказна.  

Според работната група на анализа, на тапет се ставени и група од 30-тина скулптури, кои биле поставени од 2008-2010 година. Според координаторот на работното тело, нивната надлежност била да се испитуваат поставените споменици од Скопје 2014.