И Козјак го снема

Некогаш најголемото вештачко езеро во Македонија, долго 32 км, некаде длабоко и до 130 метри, а максималното растојание од едниот до другиот брег 400 метри, денеска го нема.

На фотографиите што граѓаните ги споделуваат на социјалните мрежи се гледа само суво дно од она што некогаш беше езеро.

Сакав да фотографирам Езеро Козјак, но фотографирав река Треска со траги од езерото, пишува корисник во групата „Патувања низ Македонија“.

Oд Управата за хидрометеоролошки работи велат дека за ноември под просекот се нивоата на Охридското и Преспанското Езеро, како и на сите реки кај кои денеска се извршени хидролошки мерења.

Драстичен пад и натаму бележат Вардар кај Јегуновце и Велес, Треска кај Македонски Брод и Сатеска кај Ботун. Преполовени се водостоите на Црна Река, Струмица, Крива Река и Лепенец, велат од УХМР.