И да врне и да вее поштар пошта носи: Пристигнуваат ли навреме сметките и пратките?

Писма веќе не се праќаат, не се испраќаат многу ниту новогодишни честитки како порано, а од старите обичаи денес уште остана уште редовното испраќање разгледници до дома од годишните одмори и патувањата на граѓаните.

Да се биде поштар и не е така едноставна работа. Секое утро во 8.30 часот поштарот треба да е на своето работно место во „Поштата 2“, од каде што го зема материјалот, односно доставата на пратки за тој ден и седнува да ги распореди според маршрутата на движење. Тоа трае од еден до и пол час. Потоа се земаат обичните, препорачаните и меѓународните препорачани пратки и се излегува на терен да се разнесуваат.

-Луѓето порано се радуваа на писмата што ќе им ги дадев. Се сеќавам кога ги носевме писмата од војниците. Тоа беше невидена радост за родителот. Kога ќе му дадеш писмото, ќе те гушне, мислејќи дека си го гушка синот. Тогаш се зближувавме со луѓето. Сите знаеа од реонот и ние ги знаевме жителите. Сега тоа повеќе го нема – раскажува еден пензиониран поштар.

Повозрасните граѓани, раскажуваат дека оваа професија порано со себе носела и поголема одговорност, а писмата и пакетите пристигнувале и навремено и на точната адреса. Порано поштарите кои носеа пошта до домовите беа многу почитувани. Тие често добиваа и подароци во знак на благодарност.

Денеска поштарите се соочуваат со проблеми во работењето.

Еден од проблемите  е тоа што во новите згради влезните врати се заклучени или се затворени со шифри, па повеќето од нив немаат пристап до поштенските сандачиња.

Според Законот за поштенските услуги на влезните врати од дворовите треба задолжително да имаат поштенски сандачиња, а фирмите треба да отворат поштенски прегради за препорачани пратки за да се олесни работата.

Честопати поштата не се доставува до некој домови бидејќи на влезната порта од куќата немало поштенско сандаче, а во дворот имало пуштено куче.

Дел од скопјани, се жалата дека  поштата ретко кога пристигнува навреме до нивните домови, а понекогаш и воопшто не ја добиваа.

Примерот на скопјанката Маја П. која живее на улица „Војвода Васил Чакаларов“ е последен од низата ситуации на непримена пратка поради ново име на улица, која очигледно не е заведена кај сите органи кои работат со адреси. 

Личната карта на Маја е на улицата „Иво Рибар Лола“ и на таа адреса добива и препорачани писма. Но, Маја, според пасошот живее на „Митрополит Теодосиј Гологанов“, а на таа адреса се води и во избирачкиот список. Ни самата, како што вели на шега, веќе не знае на која улица живее. Првичното име на улицата „Иво Рибар Лола“ во период од десет години е менувано два пати. Истата улица се викаше „Митрополит Теодосиј Гологанов“, а сега е „Војвода Васил Чакаларов“. 

Оваа скопјанка последната збунувачка ситуација ја доживеала пред десетина дена. Очекувала препорачана пратка од странство, но не ја добила. Разбрала дека пратката се вратила назад со образложение дека адресата е непозната. 

Воедно во некои скопски општини поради ненавремено доставување на нивните сметки, граѓаните се соочуваат со казни и камати кои треба да ги покријат од и онака малиот семеен буџет.