Хуманитарна забава за 13.роденден на општина Аеродром

Со хуманитарна забава за граѓаните од сите возрасти, денеска општина Аеродром ќе го одбележи 13-от роденден. 

Под мотото „Растеме со Аеродром“ во паркот со авион ќе се одржува забавата. Во соработка со Црвениот крст се собираат средства за социјално загрозени семејства на територија на општина Аеродром. Сите кои сакаат да им помогнат на социјално загрозените семејства можат на донираат на жиро-сметката на Црвениот крст на Република Македонија – ‎‎‎‎‎300000000206646 Комерцијална банка или да ги доделат во специјалните кутии за донации на местото на настанот.

Напладне ќе настапат децата од градинките и основните училишта, во присуство на кловнови и магионичар. Децата ќе цртаат за општината, по што ќе биде избран најдобар цртеж. Општината ќе додели и награда за најдобра поетска творба на истата тема. Ќе настапат младински бендови и хип-хоп групи. Основците ќе можат да спортуваат и да се дружат со кошаркарите од МЗТ Скопје. Ќе се додели и награда за најдобар кошаркар.

Здруженија од општина Аеродром што работат со ранливи категории „Лице в лице“, „Солем“, „Во мојот свет“ и „Порака“ ќе ги претставуваат своите производи на повеќе локации во паркот.

Во вечерниот дел, кој ќе трае до полноќ, забавата ќе ја збогатат професионални бендови и изведувачи од Аеродром со концерти на квартетот на Македонската опера и балет, Марко Кума и Црни, Бени со Нон Стоп и Златко Ориѓански и ќе заврши со журка со музика по избор на Драган Б. Костиќ.