Хуманитарна иницијатива „Ride4Women“

Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија (МЗЦПК) при Македонското лекарско друштво ќе биде домаќин на хуманитарната иницијатива „Ride4Women“, преку која докторите и научниците од Европското здружение за гинеколошка онкологија (ESGO – European Society of Gynecological Oncology) сакаат да го свртат вниманието кон превенцијата и раното откривање на ракот на грлото на матката.

Во рамки на оваа иницијатива, 22 доктори, на својата велосипедска тура во градовите од осум европски држави (Атина, Скопје, Тирана, Подгорица, Сараево, Бања Лука, Загреб, Марибор и Грац) на пригодни јавни настани заедно со своите домаќини имаат за цел да ја подигнат свеста за превентивни мерки кои им стојат на располагање на жените во центрите за рак.

Во Скопје настанот ќе се одржи денеска на плоштадот „Македонија“ од 9 до 10 часот, по што учесниците ќе се упатат на почетната точка на булеварот „Партизански одреди“ и заедно со докторите – активисти ќе ја извозат велосипедската рута до излезот од Скопје, односно до Железниот мост во Сарај.

Сите заинтересирани може да се приклучат со својот велосипед и да ја извозат рутата „Партизански одреди“ бр.5 до Железен мост во Сарај (8.2 километри) заедно со 22-ца гинеколози – оператори на нивниот пат од Атина до Грац.