Хуманитарна акција во Гази Баба: Собран училишен прибор за деца од најранливите категории

Хуманитарна акција за собирање училишен прибор за деца од најранливите категории се реализираше во општина Гази Баба, на покана на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ при Општинскиот комитет Гази Баба.

Во акцијата се приклучи и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој ја истакна важноста од поддршката за децата и семејствата на кои им е најпотребна.

Акцијата има и симболично значење бидејќи се одржа вчера, на денот на раѓањето на Мајка Тереза, која е препознатлива како симбол на хуманоста, милосрдието и помошта кон оние на кои им е потребна.

Од иницијативата посочуваат дека целта не е само да се обезбеди училишен прибор, туку на децата да им се овозможи еднаков и достоинствен почеток на учебната година.

Стефковски упати признание до младите за иницијативата и општествената одговорност, нагласувајќи дека секоја подадена рака може да донесе надеж и да направи разлика во животот на едно дете. 

- Хуманоста е најголемата лекција што можеме да ја пренесеме, порача првиот човек на Гази Баба.