Хрватски експерт предупредува: Висока смртност во Македонија ако не се подобри состојбата со вакцинацијата

Единствен начин за спас е вакцинацијата, а во Македонија и во регионот, најголемата причина за малиот интерес за вакцина е недовербата во власта и непостоењето на јавна одговорност кога не се носат добри епидемиолошки одлуки, вели хрватскиот научник Иван Џикиќ, молекуларен биолог кој работи и предава на Медицинскиот факултет на Гете Универзитетот во Франкфурт, Германија.

Тој во он-лајн разговор со новинари од земјава посочи дека проблемот во Македонија е на долг рок.

-Се додека не го поминете прагот од 60-70 проценти вакцинирани што е многу тешко ако сега сте на 37 проценти. Се додека не го постигнете потребниот процент Македонија ќе биде земја во која ризикот за бројот на починати ќе биде многу висок. Ако сте под 50 проценти тоа е алармантно и треба да се испрати порака до владата дека не смее да се дозволи да остане оваа состојба бидејќи во зима ќе имате не 7000, туку веројатно уште неколку илјади, вели проф. Џикиќ.

Џикиќ вели дека состојбата со економијата или здравствените системи не е пресудна за високата смртност. Вината повеќе ја гледа во степенот на демократија и довербата на граѓаните во власта. Напоменува дека земјите од Источна Европа се покажале меѓу најдобрите во првиот бран на вирусот, а потоа дошло до значаен пад. Ваквиот негативен тренд тој го објаснува со разнишување на довербата на јавноста во властите кои носеле неконзистентни одлуки, наспроти земјите како Португалија и Ирска кои имаат повеќе од 80% вакцинирано население.

Тој напомена дека според бројките на Светската здравствена организација, во земјите од Источна Европа, од Украина до Македонија и Албанија, каде живее 4% од светското население, оваа недела дошле 20% од сите новозаразени случаи со Ковид-19 во светот.