Хрватски детски класици за почеток на Новата 2019 во Кинотека на Македонија

“Хрватските детски филмови се присутни во хрватската кинематографија многу често како екранизација на веќе постоечки книжевни успеси.

Но самата застапеност не би била доволна доколку тие не припаѓале на самиот врв на уметнички успешните филмови, за денес да бидат класици на хрватскиот филм и како такви да не биле прифатени од младата публика и критика“, ќе посочат од Кинотека на Македонија.

Филмското дело, како целосно фабулативна форма, од самиот почеток било поврзано со децата како протагонисти, но и како публика. Веќе во 1895 година браќата Лумиер го снимаат “Бебешки оброк“ и “Градинарот“, кој многумина го сметаат за прв игран филм. Подоцна, исто така, постојано се појавуваат детски ликови, како во филмовите наменети само за деца, така и во оние за општата публика, како “Детето“ (1921) на Чаплин или “Чистачи на чевли“ (1946) на Виторио де Сика, кои преку детските ликови зборуваа за пошироките проблеми во општеството.

Затоа за почетокот на Новата 2019 година, Кинотека на Македонија за младите филмофили подготви ревија на која ќе бидат прикажани неколку хрватски детски филмови, но и изложба на филмски плакати насловена “Детски поглед“(од 9 до 16 јануари).

“Со организирањето на филмското производство по Втората светска војна, детскиот филм во хрватската кинематографија станува легитимен жанр што се одликува со континуиран број наслови и понекогаш со исклучително квалитетни филмски дела. Од наслови како “Синиот галеб“ (1953) и “Милиони на островот“ (1955) на Бранко Бауер, се до серија филмови за литературниот јунак Коко „Коко и духовите“ (2011) и “Љубов или смрт“ (2014) на Даниел Кушан, како и “Таинственото момче“ (2013) на Дражен Жарковиќ, хрватските детски филмови се присутни во хрватската кинематографија многу често како екранизација на веќе постоечки книжевни успеси. Но самата застапеност не би била доволна доколку истите не припаѓале на самиот врв на уметнички успешните филмови, за денес да бидат класици на хрватскиот филм и како такви да не биле прифатени од младата публика и критиката“, ќе посочат од Кинотека на Македонија како најава на ревијата.

Притоа ќе бидат проектирани неколку значајни хрватски играни детски филмови меѓукои играните: “Брканица по моторот“ во режија на Бранко Мајер (на 9 и 10 јануари), “Пико“ во режија на Среќко Вејганд (9 и 10 јануари), „Синиот галеб“ на Бранко Бауер (11 јануари), “Дружината на Перо Џумката“ во режија на Владимир Тадеј (11 и 12 јануари), “Волк самотник“ во режија на Обрад Глушчевиќ (12 и 14 јануари), “Капетан Микула Мали“ кое е уште едно остварување на Обрад Глушчевиќ (15 јануари) и “Тајната на стариот таван“ во режија на Владимир Тадеј (16 јануари).

Изложбата на “Детски поглед“, пак, на македонската публика ќе и прикаже 21 плакат за 24 долгометражни и краткометражни филмови создадени во периодот од 1953 до 2006 година. Тие се дел од збирката филмски плакати на Хрватската кинотека која го собира речиси целиот придружен филмски материјал на сите долгометражни филмови настанати во хрватската продукција од 1944 година до денес . “Претставените плакати со своите визуелни решенија не само што успешно го промовираат филмот за кој се направени, туку и зборуваат за стилот на времето во кое се создадени. Освен во стилот, се разликуваат и во техниката, од цртежи, колажи и фотографии до комбинација на повеќе техники во кои се испробале ликовни автори за да го остават својот печат во таа применета форма. Меѓу многумината непознати автори можат да се најдат и дела на мајстори на стрипот како Фердинанд Бис, Андрија Мауровиќ, Мирко Илиќ и Радован Домагој Девилиќ“, ќе додадат од Кинотека.