Христовски: Градот да ја прифати мојата неотповиклива оставка и да назначи нов директор на ЈП Градски паркинг-Скопје

Поранешниот директор на ЈП Градски паркинг-Скопје, Бојан Христовски, алармираше Градот Скопје да ја прифати неговата неотповиклива оставка и да назначи нов директор со цел претпријатието да продолжи да работи.  

-Помина цела недела откако јавно објавив, но и формално до архивата на Градот доставив неотповиклива оставка. Веднаш потоа градоначалничката Арсовска на нејзината фејсбук-страница објави дека оставките се “принудни” (без разлика дали е така), што укажува дека била/е спремна за кадрови промени. Но, реалноста е друга, од Градот се’ уште нема никаков одговор. Претпријатието и вработените се оставени сами на себе, вели Христовски. 

-Алармирам до градската администрација да си постапи во согласност со законот, да ја прифати мојата неотповиклива оставка и да назначи нов директор. Работата во претпријатието мора да продолжи без одлагање. Тековните активности и новитети не смеат да запрат без разлика на несогласувања и политички комбинаторики. Вработените и граѓаните се на прво место, порача Христовски. 

Тој уште еднаш јавно им се заблагодари на сите вработени во ЈП Градски паркинг, како и сите поддржувачи на досегашна негова работа во претпријатието. 

Инаку на иницијатива на Христовски, пред да замине од директорската функција, Управниот одбор на претпријатието донесе одлука за линерано зголемување на платата во износ од 2 992 денари за 280 вработени во „Паркинзи“.