„Хотел Карпош“, „Каква е оваа ситуација“... Културен спектакл на Џамбазов и Гуру Харе во Карпош (фото)

Со „Диши длабоко“, ,„Хотел Карпош (Македонија)“, „Каква е оваа ситуација“, „Не се издржва“, но и со легендарниот Леонард Коен, маестралниот шоумен Игор Џамбазов заедно со Гуру Харе, ја направија првата вечер на „Карпошовото културно лето“ вистинско  летно  доживување.

Љубителите на џезот, поп и блуз музиката, повеќе од два часа  уживаа во прекрасната изведба и неповотрлив блуз на карпошовите урбани легенди,  Џамбазов и Гуру Харе со нивниот бенд.

Под мотото „Освежете се во пар - Карпош и вие“ , вчеравечер на платото во Т.Ц Карпош 3 или „Лептокарија“ градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, го прогласи за  отворено  десеттото јубилејно  „Културно лето Карпош 2017“. Оваа година, сите културни манифестации ќе се одвиваат на платото во Лептокарија, која полека прераснува во центар на Карпош. Како што  нагласи пред многубројните присутни карпошани   првиот човек на локалната самоуправа, оваа културна  манифестација низ годините прерасна во вистински културен бренд на Општина Карпош.

Општинскиот татко  Стевчо Јакимовски потенцираше  дека низ годините растел квалитетот, но и интересот на самите уметници за учество на  овој културен настан . Јакимовски напомена дека  „Карпошовото културно лето“ е наменето токму за карпошани, кои од сите возрасти, секое лето, во втората половина на месец август,  повеќе од две седмици уживаат во културната презентација на многубројни музичари, артисти, хумористи, музички групи и уметници, кои со своите изведби ги забавуваат  жителите на Општина Карпош.

Вкупно осумнаесет вечери, карпошани ќе се дружат, забавуваат, и ќе уживаат во звуците на голем број на  домашни музички изведувачи, фолклорни групи, концерти на познати пејачи и стенд-ап комичари. За љубителите на музиката, ќе има разновидна понуда од поп, џез, класика, староградска и етно музика  и други  музички жанрови.

За почитувачите на ликовната уметност ќе има акварелни и ликовни изложби, како и Меѓународен акварелен симпозиум. Оние пак  на  кои  сфера на интерес им претставува  фотографирањето, исто така ќе можат да проследат квалитетна изложба на фотографии.

Добриот звук, одличните изведувачи, меѓународните учесници од  Виетнам, Индија, САД како  и  од други европски земји на ликовните симпозиуми се доволен доказ дека секоја година  Карпошовото културно лето го задржува својот висок  квалитет,  нудејќи им богата и шаренолика понуда на карпошани за сечиј вкус и за секоја генерација.