Хорот „Св. Злата Мегленска“ вечер на „Скопско лето“

Женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“ со диригентката Летка  Димовска-Полизова вечер од 20.30 часот во Куршумли ан ќе го одржи концертот „Глорија – концерт за душа“ кој на 4 јули беше одложен поради силното невреме во Скопје. Влезот за посетители е слободен.

Концертот е насловен по „Глорија“ на Вивалди која е на програмата заедно со композиции од други автори на класична и на џез-музика. Со хористките од „Св. Злата Мегленска“ ќе настапат и камерниот гудачки состав „Пламенка Трајковска“, џез-триото: Иван Еминовиќ – пијано, Дејан Митровиќ – бас гитара и Матрина Баракоска – тапани и четворица вокални солисти: Катерина Стојановска, Мартина Аврамовска, Васил Гарванлиев и Јасмина Димитровска.

Женскиот камерен хор  „Св. Злата Мегленска“ е формиран во 1996 година при Македонската православна црква. Основач, диригент и уметнички раководител на хорот е Летка Димовска-олизова. Хорот е составен од 22 женски вокали, повеќето од нив млади академски образовани музичари и студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје и од други државни факултети во земјава.

Во 22 години концертна и фестивалска дејност, хорот „Св. Злата Мегленска“ има освоено награди и признанија во повеќе европски земји, како и во САД и Канада, и имал настапи во најпознатите катедрали во светот, концертни сали, оперски куќи, национални музеи.