Хорор сцена: Руинирани дуќани, мрачни и валкани ходници - вакви се старите трговски центри

Во Скопје секоја година никнува по еден трговски центар, старите трговски центри веќе со години се оставени на забот на времето. 

Трговсите центри изградени во 90-тите години како Мавровка, Олимпико, Алуминка, Антико, стариот трговски во Капиштец и во Аеродром, трговскиот центар  во трите кули во населбата Карпош, Скопјанка, Чаирчанка, веќе наликуваат на трговски центри на духови, со речиси руинирани дуќани и мрачни и валкани ходници, кои потсетуваат на некоја хорор сцена.

На прсти се бројат дуќаните кои работат. 

Дел од старите трговски центри, како Буњаковец, Бисер, Лептокарија и Беверли Хилс, се уште успеваат да се изборат на пазарот иако и тие полека ја губат битката. Сепак, нивната структура полека се менува – има се помалку бутици, а се повеќе адвокатски канцеларии, фризери, бербери.

Од друга страна новите трговски центри со современи стандарди како City Mall, Capitol, Ramstore, Vero работат и повеќе од добро.

Додека трговците во новите шопинг молови тријат раце, продавниците во старите трговски центри само ги менуваат закупците , а голем дел од нив зјаат празни. Разликата , пак, во цените на кириите е драстична, веќе неколку години, цените на закупнините во старите трговски центри континуирано се намалуваат, на некои простори се дури двојно поевтини отколку во новите шопинг молови.

Според консултантите за недвижности, ваквата состојба е резултат на слабата организација во старите трговски центри.