Холандија во меч со тензична атмосфера и катастрофално судење ја победи Македонија (32-37) на Светското првенство (СП) во ракомет. Гневот на јавноста и навивачите беше насочен кон судиската двојка од Данска, Мадс Хансен и Јеспер Мадсен, кои речиси целиот натпревар носеа спорни одлуки во корист на Холандија.
По натпреварот во Вараждин, говореше голманот на холандската репрезентација, Матијас Рекс, кој истакна дека досега не видел вакво нешто на ракометен натпревар и сите настани биле апсолутно луди.
„Човеку, почнаа да маваат кон нас, леташе сешто. Никогаш не сум доживеал вакво нешто. Очигледно, така е изгледа на Балканот. Во еден момент, кога сакав да ја фрлам топката, голот го наполнија со вода. Апсолутно лудо! Ова нема никаква врска со ракомет. Ама, некогаш работите се и такви“, изјави Рекс по мечот.
Холандија со две победи оди во следната рунда и ќе игра за првото место со Унгарија, додека Македонија во последното коло треба да остане непоразена со дебитантот Гвинеја за да ја мине групата на СП 2025.