Десертот „Дубаи чоколада“ препознатлив по зелениот фил од ф’стак и кадаиф го освојува светот. Чоколадата стана хит и во земјава, а се прават и домашни варијанти од ова слатко задоволство, па така на социјалните мрежи се споделуваат рецепти за „Дубаи-чизкејк“, „Дубаи-торта“, „Дубаи-бомбици“...
Љубителите на слатко не треба да претеруваат со овој десерт, предупредуваат стручните лица од областа на нутриционизмот.
Кафаифот се приготвува на масло, крцкавиот фил е со „тешок состав“, се алармира во голем број истражувања.
Во 100 грама чоколадо има околу 7 грама белковини, 36 грама масти, 51 грама јаглени хидрати и од околу 563 калории!
Со оглед дека голем број научни истражувања алармираат за „Дубаи чоколадата“, го прашавме нашиот познат нутриционист Антонио Велковски за штетноста од ова слатко задоволство.
- Чоколадото „Дубаи“ е познато по својата богата и луксузна комбинација на состојки како што се фстаци, кадаиф, чоколада и ореви. Калориската вредност може да варира во зависност од производителот и конкретниот рецепт, но обично 100 грама вакво чоколадо содржат од 500 до 600 калории, вели тој.
Колку е штетна оваа чоколада за организмот?
- Тоа зависи од консумираната количина и индивидуалните здравствени состојби, алармира нутриционистот и појаснува:
-Комбинацијата на состојки (фстаци, чоколада, кадаиф) е високо калорична, богата со масти и шеќери, што може да биде проблем ако се консумира во големи количини.
-Шеќерите и заситените масти во ваквите производи ако се консумираат во преголеми количини можат да придонесат за зголемување на телесната тежина, покачување на шеќерот во крвта и зголемен ризик од кардиоваскуларни болести.
-Фстаците и оревите сами по себе се здрави и богати со добри масти, но кога се комбинираат со високо шеќерна чоколада, ефектот може да биде помалку позитивен.
Посебно претпазливи треба да бидат лицата со дијабет и проблеми со дигестија.
Според Антонио Велковски лицата со дијабетес би требало да го избегнуваат или да го консумираат во многу мали количини поради високиот процент на шеќери.
- За нив подобро е да изберат чоколада со низок процент на шеќер или без шеќер. За лица со проблеми со дигестијата: - Комбинацијата од кадаиф и чоколадо може да биде тешка за дигестија, особено кај луѓе со чувствителен желудник, гастритис или синдром на иритабилно дебело црево. Оревите и фстаците можат да предизвикаат надуеност кај некои луѓе.
Заклучок: Чоколадото „Дубаи“ може да се смета за десерт за посебни прилики и најдобро е да се консумира умерено, дури и од лица без здравствени проблеми. Лицата со дијабетес и дигестивни проблеми треба да го избегнуваат или да се консултираат со својот лекар или нутриционист пред да го вклучат во исхраната, дециден е нутриционистот Антонио.