Хипотиреоза, болест која тешко се препознава

Несоница, тенки влакна на косата, дебелење, замор, се само некои од многуте нејасни симптоми на недоволно активната штитна (тироидна) жлезда, коишто може но и не мора да укажуваат на тоа дека некое лице боледува од хипотиреоза/хипотироидизам.

Жлездата со форма на пеперутка е сместена во вратот и лачи хормони кои се потребни за растење на клетките, за метаболизмот и другите важни телесни функции. Забавеното функционирање на тироидната жлезда ја нарушува нормалната рамнотежа на хемиските реакции во телото и влијае на сите аспекти на метаболизмот.

„Симптомите честопати се многу нејасни. Пациентите се жалат на губење на енергијата, слабата мотивација, неможноста да се концентрираат, запек и кршливи влакна и нокти“, вели за агенцијата DPA интернистот Марус Кванте.

Многумина, исто така, се жалат на депресивно расположение и велат дека се расплакуваат без очигледни причини. Но севкупно, тие навистина се чувствуваат лошо, додава Кванте.

Доколку симптомите потраат неколку седмици и се појавуваат нови, време е да се оди на преглед. Наодите од анализата на крвта може да покажат дали станува збор за забавена тироидна жлезда.

„Неспецифичните симптоми го отежнуваат откривањето на причината“, вели ендокринологот Матијас Вебер и додава дека секогаш треба да се направат прегледи кои вклучуваат и ултразвук.

Кога ќе се открие дека станува збор за хипотиреоза, лекувањето е едноставно.

„Пациентите земаат левотироксин во апчиња, кои ги заменуваат хормоните кои недоволно или воопшто не се лачат“, вели Кванте. Неговиот колега Вебер, пак, вели дека лекувањето е обично доживотно.