Херој со храбро срце: Васил Јанкула и покрај хендикепот в недела ќе вози велосипед низ Скопје

Васил Јанкула од Мала Преспа, кој боледува од детска целебрална парализа, но човек со огромна волја, оптимистички дух и храбро срце, поради што веќе го носи епитетот преспански херој, е пред уште два предизвика. Тој, под мотото „Возам на точак за лица со попречност”, на 11 ноември ќе вози низ Скопје, а потоа и на прилепскиот маратон.

– Сакам да продолжам и натаму, секако доколку најдам покровители да поминам низ цела Македонија со велосипед, а можеби еден ден да возам и низ Балканот, Европа и светот. Тоа е моја голема желба и мислам дека го можам тоа. За се му благодарам на мојот тренер Тони Ангеловски. Секако двајцата сме многу благодарни на општина Пустец за досегашната сестрана подршка – изјави Васил за весникот „Илинден“.

И покрај својот физички хендикеп, тој деновиве ја извози патеката од 150 километри во двата правца, возејќи осум часа од Ресен до селата од Мала Преспа, Леска, Пустец, Зарноско.

Претходно, тој беше дел од 32. издание на маратонот, што се одржа во Охрид по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија, кога со точак на три тркала ја извози 30-километарската патека, полна со удолници и угорници. Со тоа тој покажа дека огромната волја и ентузијазмот на еден млад човек со церебрална парализа е посилен од неговите кревки мускули на кои болеста оставила неизбришливи траги.

Искажувајќи огромна почит за храброста и одлучноста на Васил, единствениот весник на македонски јазик во Албанија „Илинден“, му ги честита досегашните успеси со кои покажа дека физичкиот хендикеп не и може ништо на желбата и одлучноста на еден млад човек и му посакува остварување на неговите желби.