Хартиени слободни карти за новите средношколци

Средношколци во прва година во првите денови на септември ќе добијат изготвени хартиени слободни карти од ЈСП. Во училиштето во кое се запишале ќе им се прикачат нивните фотографии и со нив ќе можат да се возат цел месец, односно до 30 септември, додека претпријатието не им ги изготви електронските персонализирани картички.

На учениците, пак, од втора, трета и четврта година само ќе им бидат одблокирани персонализираните електронски картички кои летово немаа право да ги користат.

„Учениците ќе ги подигнат хартиените билети, сами ќе можат да си ги прикачат фотографиите, а училиштата ќе мора да испратат во Градот прочистени списоци со име и презиме на учениците кои се запишани во нивното училиште, со адреса на живеење и фотографии. Основен услов ученикот да добие персонализирана бесплатна ученичка електронска карта е да живее на поголема оддалеченост од 2,5 километри од училиштето. Откако Градот ќе ни испрати прочистени списоци, ние ќе ги изготвиме електронските персонализирани картички со фотографија на ученикот и некаде до 20 септември ќе им ги испорачаме до училиштата“, објасни Константин Тасевски, одговорен за односи со јавност и маркетинг во ЈСП.