Хаосот со паркирање на Клинички продолжува: Поништена постапка за изработка на проект за катна гаража

Хаосот со паркирањето во скопскиот Клинички центар ќе продолжи сè додека Министерството за здравство и Градот Скопје не се договорат за тоа кој ќе биде одговорен за ова прашање, коешто со години наназад создава сообраќајни проблеми во кругот на највисоката здравствена установа во земјава.

Во меѓувреме, надлежното министерство ја поништило постапката за изработка на идеен, основен и сообраќаен проект со проектантски надзор за изградба на катна гаража во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, пренесе Билд.

Тендерската постапка беше распишана уште во јули годинава, а очекувањата беа до крајот на 2018 година да се комплетира проектната документација. Но, наместо да се создадат предуслови за изградба на инфраструктурниот објект, целокупната постапка ќе треба да се повторува. „Поради непредвидени и објективни околности се промениле потребите на договорниот орган“, се наведува во образложението на Министерството за здравство објавено на Електронскиот систем за јавни набавки. Со паркингот во Клиничкиот центар во моментов стопанисува ЈП „Градски паркинг“, а од Градот Скопје веќе пројавија интерес да изградат катна гаража во рамките на овој здравствен комплекс.

Поништениот тендер требаше да обезбеди проект за изградба на монтажна гаража од челична конструкција кај Клиниката за гинекологија, која требаше да обезбеди 1.800 нови паркинг места. Објектот беше замислено да има хелидром на самиот кров, додека во приземјето беа предвидени локали за деловно – трговски намени.