
Метежот на европските аеродроми и гранични премини не стивнува од 10 април, кога започна целосната примена на системот за влез/излез (EES), а експертите предупредуваат дека вистинските гужви допрва ќе се почувствуваат со почетокот на летната сезона.
Станува збор за построга контрола на државјаните од т.н. трети земји, меѓу кои се и земјите од регионот, што веќе создава долги редици и доцнења на границите.
Дополнителен притисок се очекува во последниот квартал од 2026 година, кога треба да стартува и новиот систем за електронска патна дозвола ETIAS. Оваа дозвола ќе биде задолжителна за патување во Шенген зоната и ќе се добива преку онлајн апликација.
Според најавите, ETIAS ќе важи за околу 60 земји, а ќе се однесува на влез во 30 европски држави, вклучувајќи ги земјите од ЕУ, како и Норвешка, Швајцарија и Исланд. Иако не станува збор за класична виза, системот ќе претставува дополнителна безбедносна проверка.
Цената на апликацијата ќе изнесува околу 20 евра, а дозволата ќе важи до три години или до истекот на пасошот. Аплицирањето ќе се врши онлајн и може да трае од неколку минути до 14 дена, а во одредени случаи и подолго.
И покрај тоа што патниците со важечка ETIAS дозвола ќе можат да престојуваат до 90 дена во период од 180 дена, тоа не гарантира автоматски влез, бидејќи граничните служби имаат право да одбијат влез врз основа на дополнителни проверки.
Експертите предупредуваат дека комбинацијата од EES и ETIAS системите, без единствена платформа, може дополнително да го оптовари процесот и да создаде уште поголеми гужви, особено во периоди на зголемен сообраќај како новогодишните празници.
Од туристичкиот сектор советуваат патниците навремено да аплицираат за дозволите веднаш штом системот стане достапен, со цел да се избегнат дополнителни компликации при патување.