Хаос во амбулантите, градинките ги затворија вратите за невакцинираните деца

И утрово градинките ги затворија вратите за невакцинираните деца. Во повеќе скопски поликлиники настана хаос каде децата се вакцинираа од мали сипаници.

Министерството за здравство прогласи епидемија на морбили или мали сипаници на територија на градот Скопје поради 12 нови случаи. Министерот Венко Филипче информира дека шест од новите случаи се потврдени со соодветни анализи, а за останатите 6 анализите се очекуваат денес. Додаде дека меѓу новите случаи повеќето се деца, но има и возрасни, а сите се невакцинирани лица со МРП вакцината.

–Моето дете уште малку ќе наполни 3 години, а дури сега ја прими МРП вакцината. Причина за тоа се разните написи кои ги читавме на интернет. Нашиот матичен лекар ни препорача МРП вакцината која требаше да се прими после една година да ја примиме покасно после две, три години кога детето ќе има подобар имунитет и ќе биде подобро развиено и физички и психички, – вели една мајка.

-Вчера ни се јавија од градинката каде што оди мојата ќерка за да ни кажат дека неопходно е да им го достават на увид картонот за имунизација, вели Горан.

Министерство за здравство информира дека вчера до 19:00 часот вакцинирани се вкупно 488 деца со МРП вакцина.

Здружението на педијатри ги поддржува мерките за вакцинација на децата

Здружението на педијатри на Република Македонија ги поддржува сите мерки што ги презема Министерството за здравство во однос на вакцинирањето на децата кои не се вакцинирани со МРП вакцината, се вели во соопштението испратено од претседателката на ова здружение, проф. д-р Аспазија Софијанова.

Како што истакнува Софијанова, повикот е од особена важност за децата кои се во потенцијален ризик или се опкружени со лица во потенцијален ризик и истите треба да бидат веднаш вакцинирани со цел намалување на ризикот на, како што се вели, и така намалениот колективен имунитет.

„Со тоа се намалува ризикот за пренесување на малите сипаници – морбили, кај децата и кај повозрасната популација. Со вакцинацијата се намалува ризикот од заболување од морбили, а со тоа и опасноста од можните компликации кои можат да бидат многу сериозни и смртоносни“, стои во соопштението.

МТСП: Казните за невакцинирање на децата се движат од 350 до 650 евра

Министерството за труд и социјална политика ги информирало сите државни и приватни градинки, дека Министерството за здравство прогласи епидемија на мали сипаници (морбили) во Скопје, а согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, на сила е забраната за примање деца во градинките кои не се вакцинирани од МРП (вакцина за морбили, рубеола и паротит).
Од Министерството ги потсетуваат родителите дека казните за невакцинирање на децата се движат од 350 до 650 евра.
Тие исто така информираат дека градинките се задолжени и да спроведат санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки.

Во Скопје засега се евидентирани над 15.000 невакцинирани деца

Стартуваат нови правила со кои матичните лекари задолжително ќе мора да го проверат вакциналниот статус на вашите деца кои се стари до 14 години. Сите пропуштени и невакцинирани деца, тие ќе имаат обврска да ги упатат директно на имунизација. Во Скопје досега се евидентирани над 15.000 невакцинирани деца од 100.000 проверени картони. Проверка на картоните треба да има и во целата држава.