Хаос со платежните картички – Наместо 3.000 добиле 300 денари, а некои, пак, огромни суми

Наместо 3.000 денари, добиле само 322 денари, пензионери на кои не им следува ниту денар, добиле огромни суми пари на своите сметки. Некои пак се жалат дека ги нема на листата на сајтот „kupuvamdomasno.gov.mk“, кој пола од времето не ни работи, објави Алфа ТВ.

Лавина реакции на социјалните мрежи откако на виделина излегоа имињата на граѓаните кои ќе добијат пари за купување на домашни производи, објавува „Алфа“, а според телевизијата најголем број од револтираните се млади кои биле одбиени, особено оние под 18 години кои немаат лична карта. Инаку картичка им следува на средношколците и студентите на возраст од 16 до 29 години.

На сајтот кој поради навалицата правеше падни – стани, можат да се видат само оние лица кои ќе добијат платежна картичка за купување домашни производи. Граѓаните реагираат, прво зашто бил не стабилен, и друго кога ќе се пронајдат сумата не била онаа ветената.

За проблемите со платежните картички, вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска не кажа ништо. Ја префрли топката во Министерството за финансии.

За нетранспарентното распределување на парите, реагираа и од синдикатот на Штипската болница, каде многу здравствени работници кои се инфицирале не биле на списокот. Од таму за „Алфа“ велат дека ваквиот чин го оценуваат како срамен и лош чекор. На медицинските работници им следува картичка со 40% од нето платата.

Во меѓувреме и банките излегоа со свој став околу начинот на плаќање и дистрибуција на картичките. Предвидени се 28 милиони евра, распоредени кај деветте банки кои ќе ги издаваат на граѓаните. Првите 50.000 картички се веќе испечатени, а треба да се издадат вкупно 324.479.