Хаос низ градинките, родителите на големи маки: Во само три скопски општини, на листите чекаат место над 1500 дечиња

Долги листи на чекање за упис, големи групи со дечиња, малку кадар, несоодветни услови… Ова се само дел од проблемите со кои родителите се соочуваат кога ќе пробаат да го запишат своето дете во градинките ширум Македонија.

Во градинките нема место за сите оние деца чии родители пополнуваат пријава за упис. И нема решение за овој проблем. По редовен пат, без „врски“, да го запишете детето во градинка можеби ќе треба да чекате и една до три години.

Според последната статистика, од мај годинава, околу 8.000 деца во Македонија се на листа на чекање за упис во градинка.

Кога ќе влезете во целиот тој лавиринт од документи, управа, пријава, молба, барање, ќе сфатите дека излез нема. Ви останува да чекате, а никој нема да ви каже колку долго тоа чекање ќе трае. Со други зборови, мора да се снајдете со чувањето на вашето дете. Во голем број случаи, токму ова е причината родителите да си дадат отказ на работа, бидејќи алтернатива немаат.

Родителите кои можат финансиски да си го дозволат тоа, ги бираат приватните градинки. Цената за месечен престој на детето во нив е од 200 до 300 евра, што ретко кој може да ги издвои од својот домашен буџет за оваа намена.

Ваква е ситуацијата во речиси сите општини ширум Македонија. Во овој дел од истражувањето, сме сконцентрирани на Скопје. Не постои скопска општина без листи на чекање за во градинка.

Според анкетата која ја направивме меѓу родителите чии деца се на листа за чекање, се покажа дека во моментов најголем е проблемот во скопските општини Кисела Вода, Ѓорче Петров и Аеродром.

КУРИР стапи во контакт со кабинетите на градоначалниците на овие општини: Филип Темелковски, Александар Наумоски и Златко Марин.

Само во овие три скопски општини, дури 1508 деца чекаат за упис надвор од официјалните листи.

Главниот проблем е што и без нив, групите се веќе премногу големи. Бројот на дечиња во една група се движи од 20, па до над 40 деца. Со две до три вработени во група, оправдано се поставува прашањето: Дури и да станува збор за најдобрите воспитувачки во светот, колкава грижа се во можност да понудат на волкав број на деца?

Лидер во оваа лоша статистика, меѓу овие три, е општина Кисела Вода. На листите за чекање на слободно место во градинките се 788 дечиња.

На територија на општина Кисела Вода лоцирани се две јавни детски градинки: ЈДГ„Весели Цветови“ со вкупно 6 објекти и ЈДГ„ 8 Март“ со вкупно 6 објекти.

Во „Весели Цветови“ во моментов на листа на чекање за упис има 300 деца, а во градинката „ 8 Март“ нема место за 488 дечиња кои чекаат на листата.

Постоечките групи се веќе преполни, односно одамна го имаат надминато дозволениот капацитет. Огромниот број на дечиња чии родители се соочуваат со овој проблем, во догледно време, додека нешто реално на терен не се превземе, нема каде да бидат згрижени.

Од општината во изјава за КУРИР ги открија бројките, проблемите, но говореа и за решенијата на истите.

Соочени се со огромниот проблем со мал број на кадар, а голем број на дечиња во една група.

-Во секоја воспитна група бројот на деца згрижени во градинка е над нормативот предвиден согласно Стандардите за ран детски развој и изнесува над 30 деца, за што согласно Закон за заштита на деца (член 64, став 5) двете установи имаат добиено Одлука за согласност од основачот на истите. Имајќи го во предвид фактот дека проблемот со недостиг на просторни капацитети за згрижување на деца од предучилишна возраст е генерален проблем со кој се соочуваат сите општини во Република Македонија, но истовремено е и проблем кој во континуитет се провлекува во општината Кисела Вода особено во делот на долгите листи за чекање за уписи на деца во постоечките објекти, општина Кисела Вода во изминатиот период во соработка со ресорните институции презеде активности за изградба на 2 нови градинки, но и оспособување на нови простории во јавни објекти на територијата на општината за оваа намена. Воедно согласно потребата од зголемување на наставен кадар во јавните детски градинки,од страна на градинките и општината до Министерството за труд и социјална политика континуирано се доставуваат барања на согласности за вработување/ ангажирање на лица на различни работни места во јавните детски градинки, а во насока на надминување на проблемот со малиот број на кадар и обезбедување на потребната воспитно згрижувачка дејност, велат за КУРИР од кабинетот на градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски.

На територијата на општина Ѓорче Петров постои една градинка „Росица“ со своите пет клонови: „Кокиче“, „Детелинка“, „Калинка“, „Пампурче“ и „Рипчиња“. На листата за чекање се 500 дечиња.

Од  Ѓорче Петров се свесни и за големиот проблем со потреба од нови вработувања.

Општината неколку пати побарала зелено светло од МТСП, но од министерството изгледа не покажале заинтересираност за решавање на овој голем проблем.

-Општина Ѓорче Петров во соработка со градинката редовно испраќа барања до Министерството за труд и социјална политика за финансирање нови вработувања, според бројот на децата кои престојуваат во градинките, но до сега не се добиени согласности за нови вработувања. Меѓутоа, во корист на најмладите и заради подобрување на квалитетот на работа, општината веќе вработи 13 нови негувателки и воспитувачки. Континуирано сме фокусирани на подобрување на состојбите, и во таа насока, веќе работиме на отворање нови капацитети  со кои значително ќе се намали бројот на дечиња кои чекаат за упис, велат од кабинетот на градоначалникот Наумоски, во изјава за КУРИР.

На територијата на општина Аеродром постојат две детски градинки – „Буба Мара“ со пет клона („Буба Мара“, „Пчелка 1“, „Пчелка 2“, „Сонце“, „Лавче“, како и Центарот за ран детски развој „Слонче“) и „Срничка“ со шест објекти („Калинка“, „Чекорче“, „Изворче“, „Бамби“, „Црвенкапа“, „Лале“).

Родителите на 250 деца, чекаат место за упис во некоја од овие предучилишни установи.

-Моментално на листата на чекање во ЈУДГ „Буба Мара“ има околу 220 децa, а во ЈДГОА „Срничка“ околу 30 деца. Најмногу деца на листа на чекање има во градинката „Буба Мара“ во населбата Ново Лисиче. Токму затоа, општината со сопствени средства започна изградба на нов објект во рамките на таа градинка, кој ќе го зголеми згрижувачкиот капацитет за 200 деца со 8 занимални со сопствени санитарни јазли и кујна на вкупна површина од 1.500 квадратни метри, велат од кабинетот на Марин, за КУРИР.

Иако веќе цела година, Марин е градоначалник на општина Аеродром, за состојбата во градинките, го обвинува својот претходник.

-Недостатокот на згрижувачки капацитети е проблем кој долго време се провлекува и е директна последица од долгогодишниот неплански развој на општината од страна на претходното раковоство. За да се надмине проблемот со недостаток на вработени и да се овозможи подобра грижа за најмалите, општина Аеродром обезбедува околу 30 дополнителни вработувања за градинките од сопствениот Буџет, велат од неговиот кабинет.

Од сите овие три општини ни одговорија дека се превземаат чекори за надминување на овие проблеми.

КУРИР побара одговори и од Министерството за труд и социјална политика, кое треба да е најодговорно за соочување со овој проблем, бидејќи заштитата на децата треба да е нивна примарна грижа. Од таму, не го знаат бројот на дечиња кои чекаат на долгите листи.

-Според член 60 од Законот за заштита на децата, детските градинки запишуваат и примаат деца врз основа на пријава во тек на цела година, а запишувањето е во надлежност на градинките. Бројка постојано варира и од тие причини, за овие податоци најдобро е да се обратите во самите градинките, ни одговорија од МТСП.