
Косовски државјанин е лишен од слобода откако избегал при царинска контрола на Граничниот премин Блаце, оттурнал царински службеник со возилото и се дал во бегство кон Скопје.
Од МВР информираат дека вчера околу 22:00 часот, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција на улицата „Јадранска магистрала“ во Скопје го привеле Р.Е. (24), државјанин на Косово. Според полицијата, додека царински службеник вршел контрола на неговото возило „БМВ“ со косовски регистарски ознаки на ГП Блаце, осомничениот го стартувал возилото, го оттурнал службеникот и го влечел неколку метри, по што избегал кон Скопје.
По преземените полициски мерки, возилото било запрено, а возачот приведен. При преглед на теренот била пронајдена кеса со марихуана, додека во возилото бил пронајден џебен нож.
Од МВР додаваат дека приведениот изјавил оти за време на бегството фрлил кеса во која имало два пиштола.
По целосното документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.