Гужва и евтини цени - Што нуди Дојран летово?(ВИДЕО)

Дојранско езеро и летово е полно со туристи. Местото е идеално и за најмладите и за најстарите. 

На некој од приватните плажи лежалките не се наплатуваат, туку само пијачката. Цените на пијачките на плажите во Дојран и во кафулињата се движат од 70 до 100 денари.

Доколку сакате да ја користите плажата на некој од хотелите тогаш освен за пијачка ќе треба да платите плус 100 денари за влез во хотелот.

Дојранското Езеро е надалеку познато по лековитата моќ. 

Калта од Дојранското Езеро има способност да го извлече сето она што е негативно во телото и во кожата, како што се некои болести, пеги и лишаи. Според стручњаците, дојранската кал е лековита затоа што во неа има многу состојки од растенијата што се распаѓаат во Дојранското Езеро. Покрај дојранската алга, која е најпозната и содржи големо количество јод, во калта има и многу други растенија што се распаѓаат во водата. Калта е многу богата со минерали кои благопријатно дејствуваат на кожата, но и на ревматичните болки. Експертите утврдиле дека мешавината од екстрактите, кои ги испуштаат распаднатите растенија, водата и калта, се рецептот за овој природен лек.

Чудна и навидум непријатна, толку уникатна мешавина на мириси не може да се почувствува на ниту едно друго место на светот. Единствено се доживува и вдишува токму на брегот на Дојранското Езеро, кој го прави Дојран посебен и препознатлив.

Езерската вода е жешка, зелена и матна.  

А, еве видео како изгледа градската плажа во Стар Дојран деновиве: