Гурмански сендвичи: Три предлози за брза вечера

Доколку сте гладни, а не сакате да поминете неколку часа во кујната, ова е одлично решение за вас. За кратко време ќе направите вкусни сендвичи, во кои гарантирано ќе уживате повеќе, отколку да одите да ги купите во локалната пекара.

Веројатно веќе “сте го свариле” денешниот ручек и вашиот организам повторно бара нешто за обработка. Токму затоа, во продолжение прочитајте неколку интересни рецепти за сендвичи со кои што ќе го завршите овој ден. Доколку пак сепак сметате дека истите се премногу за консумација во вечерните часови, имајте ги во предвид овие рецепти во текот на утрешниот ден, за време на ручекот.

Грофовска закуска

Потребни состојки:

- 8 лепчиња тост леб

- 4 лепчиња леб

- 300 грама мисиркино бело месо

- 200 грама чадена сланина

- 50 грама топен кашкавал

- 50 грама мајонез

- ливчиња босилек

- црвена пиперка

- суви билни зачини

- малку сол

- масло

Подготовка:

Исечете го мисиркиното месо на парчиња, ставете ги зачините, малку сол и малку масло, па оставете го малку во фрижидер. Потоа, пропржете го месото на тавче без маснотија, додека не зарумени од двете страни, а истото направете го и со сланината. Откако ќе се излади месото, исечете го на широки траки. Тост лепчињата намачкајте ги со мајонез, измеѓу ставете кашкавал, малку од исеченото мисиркино месо и неколку листови босилек, а потоа ставете ги лепчињата. Истото направете го и со остатокот од материјалот.

Филуван кроасан

Потребни состојки:

- 4 кроасани

- 200 грама мисиркини гради

- 150 грама пушена сланина

- 2 лажички маргарин

- зелена салата

- малку пармезан или друго биено сирење

Подготовка:

Пропржете ја сланината на тавче без маснотии, додека не зарумени. Преполовете ги кроасаните и премачкајте ги со маргарин. Меѓу двете половини ставете листови зелена салата, потоа завиткајте парчиња од мисиркините гради, па повторно малку зелена салата и додадете ја запржената сланина. Сервирајте ги со зелена салата и пармезан или друго сирење врз нив.

Полнет сомун

Потребни состојки:

- 2 сомуна

- 100 грама сремско сирење

- 150 грама шунка

- 150 грама пршута

- кајгана од 2 јајца

- 200 грама младо сирење

- 150 грама кашкавал

- неколку листови зелена салата

Подготовка:

Пресечете ги сомуните на половина и извадете ја средината. Потоа, внатрешноста намачкајте ја со сремското сирење, ленти од шунка, додадете од младото сирење, листови зелена салата и уште малку од шунката. Потоа, ставете ја кајганата, младото сирење и пршутата. По пршутата, ставете парчиња кашкавал, потоа листови зелена салата и на крај повторно пршута. Горниот дел на сомунот премачкајте го со сремското сирење и затворете го. Полнетиот сомун исечете го на четири дела.