Групацијата за живинарство: Македонскиот пазар е стабилен и снабден во доволни количини јајца

Групацијата за живинарство при Стопанската комора на Македонија инфомира дека македонскиот пазар е стабилен и снабден во доволни количини квалитетни и безбедни конзумни јајца. Како традиционален производ кој е дел од Велигденските обичаи, јајцата се достапни во доволни количини во трговските мрежи, пазари и фармерски продавници.

Од групацијата посочија дека во понеделникот во просториите на Комората се одржа работна средба помеѓу компаниите од овој сектор, членки на Комората и претставници на ресорното министерство предводени од г. Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Најголемите производители и извозници на јајца, најавија активна соработка со дистрибутерите и трговците со цел да се задоволи зголемената побарувачка во овој период од годината, а притоа цените да  останат на конкурентно ниво, во согласност со пазарните трендови. Ресорното министерство и надлежните институции ги следат состојбите и се подготвени да преземат мерки доколку се јави потреба од дополнителна стабилизација.

„Ги потсетуваме потрошувачите да внимаваат при купувањето – да ја проверуваат трајноста и потеклото на јајцата, како и да ги поддржат локалните производители. Со доверба и традиционална Велигденска радост, ви посакуваме среќни празници!“, се вели во соопштението.