Груевски: Со Трајановски и Коневски направивме многу за Аеродром, во нашата програма има уште многу проекти за подобар живот на граѓаните

На првиот митинг денеска на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром пред граѓаните се обрати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Тој кажа дека треба да се потсетиме каде бевме, каде сме сега, за да знаеме каде одиме.

-Во авугст 2006 овде во Општина Аеродром, имаше вработени 11.200 вработени луге, на крајот на 2016 година, бројот на вработени изнесува 17.900, речиси, 18.000, од 11 илјади на 18 илјади, зголемување од над 60 проценти, епа тоа ВМРО-ДПМНЕ, тоа е таа коалиција, тоа е разликата. Тие може да фрлаат колку сакаат со кал мене, може да не плукаат и мене и Ивица Коневски и Коце Трајановски и ВМРО-ДПМНЕ, но бројките се бројки, лугето се луге, вработувањата се вработувања, новите работни места се нови работни места, тоа никој не може да го уништи, изјави Груевски.

Тој ги спомена и проектите за Општина Аеродром, кажа дека нема населба во која не се градеше.

-Се постави нова атмосферска мрежа во Горно Лисиче, на улиците низ Реонски центар Аеродром, булеварите Трета Македонска Бригада, Асном и во населбата Лисиче, во вредност од 25 милиони евра. Истовремено се изградена и реконструирана и фекалната канализација во должина од 5 километри. Изградена е и нова водоводна мрежа во Стар Аеродром, изјави Груевски.

Тој кажа дека е изграден и паркот во Долно Лисиче, паркот спроти Мајчин дом, големиот парк покрај Вардар, прекрасниот парк на езерцата, паркот помеѓу Ново Лисиче и Аеродром и уште десетина нови паркчиња.

-За подобри услови во образованието го изградивме новото училиште Александар Македонски, со инвестиција во вредност од 140 милиони денари, направивме и комплетна санација во 5 училишта, обезбедивме бесплатна училишна облека за учениците, изјави Груевски.

Тој кажа дека се изградени и 3 нови градинки. Ја спомена и изградбата на спортскиот комплекс Јане Сандански, како инвестиција во спортот ја спомена и спортската сала во Долно Лисиче, спортска сала во ОУ Гоце Делчев во Горно Лисиче, тој спомена и уште многу инвестиции во спортот, меѓу кои Куќата на фудбалот, која е во оваа општина.

-Новата ера за Аеродром носи раст и развој, ветуваме изградба на затворен пливачки базен со олимписки димензии во вредност од 80 милиони денари, ќе изградиме пет нови детски градинки, Буба Мара во Ново Лисиче за 250 дечиња, нов објект во рамки на градинката Изворче за 250 дечиња, Црвенкапа, Сонце, а нова градинка ќе добијат и дечињата од Долно Лисиче. Вкупната инвестиција изнесува 170 милиони денари, овде во Аеродром планираме изградба на ново средно училиште во вредност од 120 милиони денари и ќе продолжиме да инвестираме во патната инфраструктура, вели Груевски.

Тој додава дека ќе изградат и дел од комуналната инфраструктура во стар Аеродром во вредност од 50 милиони денари, а ќе го уредат и просторот во училиштето Гоце Делчев во Горно Лисиче.

-Ветуваме изградба на нова спортска сала во основното училиште Гоце Делчев и ќе ги подобриме условите за спортување, вредноста на овој проект е 23 милиони денари, ќе изградиме и нов зелен парк зад зградата на ФФМ на површина од 10 хектари во вредност од 30 милиони денари, ќе изградиме и нов модерен фитнес центар, а ќе се реконструираат и оштетените фасади на зградите во општината во вредност од 300 милиони денари. Општината ќе отвори и дневен центар во кој децата ќе имаат можност за индивидуално учење со стручен кадар кој ќе работи со децата за нивни развој, рече Груевски.