Гробиштата се како страшна џунгла, граѓаните револтирани од АД Бутел

Скопјани со низа негативни реакции за работата на погребалното претпријатие АД Бутел. Корисниците на услугите најмногу реагираат на нередот на гробиштата, иако, како што велат, редовно плаќаат за одржување на гробното место.

Ѓубре, висока трева, грмушки и дрва пред паѓање, но и кучиња скитници...

-Срамота и греота! Гробиштата се како страшна џунгла, особено стариот дел што е од страната на Шутка, реагира една скопјанка. Коментарите пристигнуваат откако неодамна дрвја кои паднале оштетиле неколку гробни спомен плочи.

-Додека не се исчитат гробиштата и да се исечат дрвјата кои не се безбедни јас нема да плаќам, пишува друга скопјанка која прашува зошто од АД Бутел на некои им дозволуваат да ставаат одгради, а на други не.

-Да се тужи ова претпријатие и да платат оштета. Како знаат да бараат пари на годишно ниво за одржување, така да си ја вршат работата, реагира друг корисник.

Граѓаните реагираат и дека, освен плаќањето за одржување, им се наплатува и за сечење на дрво доколку се повика службата.

Барање за сечење дрво кое предизвикува оштетувања на надгробниот споменик може да побара носителот на правото на употреба на гробното место, велат од АД Бутел.

-Ние плативме 3.000 денари за да ни исечат дрво кое беше пред паднување, вели еден скопјанец.