ГРНЕ, НИКОЛА, ШИЛЕ, ХОФ, ГЛИШ И АЦЕ… Од срце Ви се заблагодаруваме

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар одлучи во новата сезона да го освежи тимот со нови играчи и поради тоа не ја продолжи соработката со неколкумина кои досега беа стандардни првотимци. Меѓу нив е и капитенот Бобан Грнчаров.

– Понекогаш доаѓа време кога треба да се сврти нова страница, доаѓа време на промени, а таков „бран“ го зафати и Вардар. Дојде времето на некои други да го покажат својот потенцијал и квалитет во нашиот тим, кои ќе донесат нови ветришта, ќе го поведат „црвено-црниот“ клуб кон нови успеси, кон нови победи, титули, меѓународни успеси… Затоа во овој момент им се заблагодаруваме на сите оние кои што беа дел од Вардар во изминатата сезона, а кои во иднина нема да бидат во нашиот клуб, барем не како играчи, соопшти Вардар.

Им кажуваме едно големо БЛАГОДАРАМ поединечно на: нашиот капитен Бобан Грнчаров, потоа на заменикот Никола Глигоров, на третиот капитен Дејан Блажевски, на Ховханес Хамбарџумјан, благодариме на Дарко Глишиќ и на Ацо Стојков за сето она што го сторија за нашиот тим во изминатите неколку години. На сите шестмина им истекоа договорите со Вардар, и тие се слободни фудбалери, стои на веб страницата на „црвено-црните“.

ГРНЕ, НИКОЛА, ШИЛЕ, ХОФ, ГЛИШ И АЦЕ… Од срце Ви се заблагодаруваме за прекрасните мигови минати во нашиот тим. Можеби после Вас во Вардар нема ништо повеќе да биде исто, но амбициите и целите на клубот остануваат исти. Продолжуваме по патот на кој Вие чекоревте, а тоа беше оној шампионскиот, се истакнува во емоционалното збогување на Вардар со досегашните негови играчи.