ГРЕКО цени дека Македонија напредува во борбата со корупцијата

Новиот извештај на ГРЕКО нотира напредок во борбата со корупцијата во Македонија.

„Ја напуштивме групата на глобално незадоволителни држави. Ова е голем упех за нас како држава и Влада“, рече вицепремиерот Љупчо Николовски.

Тој заедно со министерот за правда, Бојан Маричиќ, на заедничка прес-конференција објаснија што значи новата оценка на ГРЕКО.

„Телото на Советот за Европа, ГРЕКО, на вчерашната пленарна седница нотираше значаен и суштински напредок во делот на исполнување на препораките во четвртиот круг на евалуација.

Станува збор за 19 препораки кои беа објавени во 2014 година и се однесуваат на спречување корупција во Парламентот, судството и обвинителството“, рече Николовски.

Според Маричиќ, сега Македонија е чекор поблиску до ЕУ, но сепак работата не завршува тука.

„ГРЕКО го констатира фактот дека во последните два мандата, министрите за правда не присуствуваат на седниците на Судскиот совет, како и со новиот Закон за Судски совет, правото на глас на министерот за правда во ова тело е одземено. Сепак, ГРЕКО остана на ставот дека оваа препорака ќе се смета за исполнета кога ќе се измени Уставот, каде што е утврдено дека министерот за правда учествува во работата на Судскиот совет“, рече Маричиќ.