Греењето на дрва речиси со исти трошоци како со парно, но се уште најисплатливо

Греењето со огревни дрва се уште е економски најисплатливо во деловите од земјава каде нема централно греење, а греењето со електрична енергија е еколошки најприфатливо, оценуваат експертите. Според нив, грејната сезона во Македонија најчесто трае шест месеци, од кои во три е неопходно поинтензивно греење, додека во останатите најчесто се сведува на делумно загревање на просториите.

Посочуваат дека најевтино достапно греење во Македонија е со огревно дрво, но не еколошки прифатливо, а доколку доволно би се развил гасоводниот систем во земјава и со тоа би се зголемила потрошувачката на природен гас, првенство би имало греењето на гас кое речиси и да не ја загадува животната средина. Во моментов гасот е достапен само за домаќинствата во Куманово и Струмица, а во останатите делови од земјава се уште нема соодветна гасоводна мрежа.

Експертите велат дека просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10  кубни метри огревно дрво за загревање или најчесто околу шест кубни метри. Доколку се подели вкупната дрвна маса што се произведува во земјава на годишно ниво, која изнесува околу 780.000 кубни метри, со просечниот број на  кубни метри неопходни за греење се добива дека повеќе од 130.000 домаќинства се греат на огревно дрво.

Цената во ЈП „Македонски шуми“, согласно нивниот повик не смее да биде повисока од 2.900 за буково и 3.000 денари за дабово дрво. Просечната, пак, малопродажна цена за кубен метар буково огревно дрво во приватните складишта се движи од 3.300 до 3.800 денари, а кај дабовото дрво е поскапа за 100 до 200 денари по кубен метар. Тоа покажува дека за греење со огревно дрво просечно македонско домаќинство одвојува од 20 до 23 илјади денари годишно.

Познавачите велат дека во Македонија најчесто се грее една соба. Доколку, пак, се загреваат повеќе простории или домаќинството има сопствено парно греење на дрва, потрошувачката на огревно дрво оди и до 20 и повеќе  кубни метри на годишно ниво за што се неопходни и повеќе од 60.000 денари годишно.

Парното греење неколку години по ред поевтинува 

Во Македонија во моментов централно греење има само во Скопје иако мрежа има и во Битола, но поради нерентабилноста веќе неколку години воопшто не се користи. Во август годинава парното греење во Скопје поевтини за 3,1 отсто.

Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), цената на Балкан енерџи груп (БЕГ), главниот снабдувач со топлинска енергија во Скопје изнесува 931 денар за потрошена киловат час топлинска енергија, а кај Скопје север 959 денар по киловат час. АД Електрани на Македонија – Подружница енергетика, пак, наплаќа паушална цена која изнесува 34,37 денари по квадратен метар доколку се плаќа на 12 рати или 68,74 денари ако се плаќа на шест рати.

Пресметката, според калкулаторот на РКЕ, покажува дека просечната сметка за греење на стан од 60 метри квадратни изнесува околу 2.000 денари месечно доколку сметката се плаќа на 12 еднакви рати или 4.000 денари ако се плаќа на шест рати. Произлегува дека годишно за греење на стан од 60 метри квадратни се неопходни околу 24.000 денари. Предноста на овој вид затоплување во однос на другите е што се грее цела станбена површина.

Податоците на БЕГ покажуваат дека 36 отсто од потрошувачите во главниот град или преку 55.000 се греат на централно греење. Од останатите 64 отсто нешто помалку од половината се греат на дрва и фосилни горива, а другите на електрична енергија.