Грција со реакција до премиерот Мицкоски: Македонското прашање е решено, конечно и неповратно

Грција реагираше на изјавите на премиерот Мицкоски кој вчера од Вашингтон изјави дека Скопје не го смета спорот за името со Грција за решен. Како што соопштуваат од тамошното МНР, Мицкоски се обидува да го врати во преден план едно од прашањата кое веќе е решено, како што знаеме - конечно и неповратно“.

„Треба да почнеме да победуваме во Вашингтон, Брисел, Берлин, Лондон, Париз, Рим ако сакаме, конечно, македонското прашање да дојде до својата завршница. Нашето прашање не е решено. Тоа тлее со векови и сè уште постои“, рече премиерот на Македонија, цитиран од весникот „Република“, стои во написите на медиумите во Грција.

„Овој настан претставува провокација за Грција обидувајќи се да го врати на преден план прашањето кое е решено, како што знаеме - конечно и повторно“, велат од Миинистерството за надворешни работи на Грција.

„Грција потсетува дека натамошниот напредок на билатералните односи со Северна Македонија и непреченото продолжување на европскиот курс на соседната земја бараат целосно почитување на договорот од Преспа и, се разбира, воздржување од иредентистички прокламации и претензии кон соседните земји“, е истакнато од грчкото министерството.

Изјавата се однесува на историскиот договор потпишан меѓу Атина и Скопје во 2018 година за решавање на деценискиот спор за името.

Грчките медиуми анализираат дека „откога ја презеде функцијата минатото лето, Мицкоски, националист, често ги прекршува условите од договорот нарекувајќи ја неговата земја Македонија наместо да го користи уставното име Северна Македонија“.