Сметаме дека во моментов бранот е во надолен тренд и веруваме дека ова ќе продолжи околу еден месец. Не покажува карактеристики дека во текот на летото ќе биде потребна промена на моделот што го следиме, истакна министерот за здравство на Грција Танос Плеврис во интервјуто за грчката телевизија ЕРТ, уште еднаш потенцирајќи дека не се разгледува можноста за воведување ковид мерки во текот на летото, јави дописничката на МИА од Атина.
Плеврис објасни дека конкретниот бран има целосно различни карактеристики од претходните и поради имунизацијата на населението, но и поради мутациите кои се поразлични и не носат тешки хоспитализации, додавајќи дека конкретниот модел што го следат, без мерки, не е поради туризмот, туку е нешто што го следат и другите европски земји.
„Во овој момент влегуваме во фазата во која коегзистираме со коронавирусот не како прашање на избор, туку како реалност. Пандемијата влезе во фаза кога луѓето полесно се разболуваат, бидејќи постои голема раширеност, разболувањето, бидејќи имаме вакцинирана популација не се префрла на тешки хоспитализации како што беше во првата фаза, имаме и тешки хоспитализации, но ги немаме тешките што ги имавме со Делта и на почетокот на Омикрон каде имаше страшен притисок“, рече Плеврис.
Согласно седмичниот извештај на Националната организација за јавно здравје на Грција за ситуацијата со пандемијата во земјата објавен завчера, во периодот од 18 до 24 јули, регистрирани се 136 077 случаи на ковид-19, а за една седмица починало 271 лице.