Грчките земјоделци повторно ќе го затворат преминот Евзони (Богородица)

Во периодот меѓу 18 и 22 часот по грчко време, како и во изминатите денови така и денеска, граничниот премин Евзони за влез и излез од Грција кон нашата земја, повторно ќе биде затворен за сообраќај, поради блокадите на грчките земјоделци.

На грчката страна од границата, веќе 19 дена се паркирани над 300 трактори на земјоделците од областа Пеонија и од градот Јаница, а блокадите се секојдневни, но во последните денови само во попладневните часови.

За време на четиричасовната блокада во прекин ќе биде сообраќајот за сите возила, и за патнички и за товарни, а исклучок се итни случаи.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, сообраќајот четири часа ќе биде во прекин, односно од 19 до 23 часот по локално време и на преминот Ники (Меџитлија) за товарните возила.

За автомобилите блокадата ќе трае два часа од 20 до 22 часот, исто така по локално време.

Блокади има и на другите гранични премини, на Промахонас и Ексохи кон Бугарија и Кипи кон Турција, но само за камиони.

Земјоделците на одржаниот состанок со учество на претставници на над 50 блока од цела Грција, одлучија продолжување на активности, но и заострување во следните денови, а паралелно уште еднаш го одбија повикот од Владата за дијалог.

Попладнево планираат на неколку часа да ги затворат и споредните улици кај Лариса во централна Грција, каде што веќе 20 дена е затворен автопатот Солун-Атина.