Грчки владини извори за заклучоците на министрите за надворешни работи на ЕУ за Северна Македонија, Турција и Албанија

Советот не само што го поздравува Договорот од Преспа, туку ја истакнува и важноста на неговото спроведување, а со тоа ЕУ добива улога во следењето на верната имплементација, коментираат грчки владини извори за вчерашните заклучоци на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија во однос на Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

– Советот за прв пат, не само што го поздравува како историски Договорот од Преспа, потенцирајќи ја неговата важност за интегративниот процес на Северна Македонија, туку ја истакнува и важноста на неговото спроведување. На овој начин ЕУ добива улога во следењето на верната имплементација на Договорот од Преспа, коментираат грчките владини извори.

Во однос на Турција, истите извори велат дека ЕУ за прв пат одлучува за мерки за Анкара „за прекршување на меѓународното право и конкретно за активностите во кипарската ексклузивна економска зона“.

За Албанија, грчките владини извори коментираат дека „за прв пат Советот официјално го поставува заштитата на правата на сопственост и правото на самоопределување, како критериуми за пристапниот процес“.