Грчев: Споменикот на Мајка Тереза е гротеска треба да се урне, а не да се пренамени!

Скулптуралната композиција Мајка Тереза висока 32 метри требаше да биде донација од контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој, кој заедно со Груевски го најави проектот. Поради неговото апсење во Индија за проневера на данок, проектот го презеде Владата на поранешниот премиер, и реализацијата започна во 2015, а требаше да чини 5,5 милиони евра.

“Тоа е гротеска од објект, а не споменик и треба да се урне, а одлуката на Владата да се пренамени е апсолутно погрешна”, смета архитектот и претседател на работната група за ревизија на проектот “Скопје 2014”, Мирослав Грчев откако Владата го задолжила Министерството за култура да спроведе постапка за пренамена на скулптуралната композиција Мајка Тереза со образложение дека е поевтино тој да се пренамени, отколку да биде урнат. Споменикот на Мајка Тереза, дел од проектот “Скопје 2014”, кој остана недовршен, според Грчев, ги прекршува сите можни Закони и не постои оправдување тој да остане во ист или променет облик на сегашното место во центарот на Скопје.

“Мислењето на работната група е ставено во елаборатот од 2017 година со сите аргументи. Овој објект кој се наоѓа среде улица го прекршува и Законот за градба и Законот за патишта и Законот за просторно и урбанистичко планирање… Всушност не постои Закон кој овој објект, дивоградба не го прекршува и затоа неговата изградба претставува кривично дело”, вели Грчев, кој посочи дека објектот е навреда за сите и никако не ја отсликува скромноста на Мајка Тереза.

Во однос на образложението дека е поевтино да се пренамени, Грчев со став:

“Аргументот дека е поскапо да се урне отколку да се пренамени е лажен, бидејќи колку што ми е познато не е направен елаборат колку би чинело негово уривање. Не знам како некој можел да и пласира таква информација на Владата, и со тоа ја местел да донесе таква апсолутно погрешна одлука. Тврдам дека уривањето не е поскапо”, вели Грчев.

Од Министерството за култура за “Вечер” потврдија дека Владата ги задолжила да спроведат постапка за пренамена согласно со “можни намени во урбанистичката планска документација за предвидената парцела и да распише јавен конкурс за идејно решение за пренамена”.

“За резултатите од спроведените активности треба да ја информираме Владата во рок од 5 месеци. Распишувањето на конкурсот, пак, ќе биде ведаш по обезбедувањето на потребните параметри (извод од ДУП, нов имотен лист и проектна задача) и по регулирање на односите помеѓу договорните страни, кои се субјекти во изградбата на претходно предвидениот објект”, велат од Министерството.

Одлуката ни ја потврди Миле Бошњаковски, портпарол на Владата. На прашањето дали е сепак можно Владата да се премисли и да го урне објектот кој според работната група е незаконски, Бошњаковски посочи: “не сакаме да шпекулираме, ќе видиме што ќе се случи по конкурсот#.

Оваа одлука беше причина еден од членовите, претседателот на Асоцијација на архитекти на Македонија Мартин Пановски на работната група, во знак на револт да си даде оставка од работната група, што пак, Грчев го смета за негов личен морален чин.
“Кај сите нас од работната група постои двоумење дали да продолжиме со нашата должност да ги исправиме грешките или да кренеме раце бидејќи нашите аргументи очигледно не се сметаат за обврзувачки”, додава Грчев.

Скулптуралната композиција Мајка Тереза висока 32 метри требаше да биде донација од контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој, кој заедно со Груевски го најави проектот. Поради неговото апсење во Индија за проневера на данок, проектот го презеде Владата на поранешниот премиер, и реализацијата започна во 2015, а требаше да чини 5,5 милиони евра.