Грчев предлага графичка доработка на знамето - денешното имало одредена слабост

Авторот на македонското државно знаме, архитектот и професор Мирослав Грчев, смета дека државните симболи не треба да бидат недопирливи и дека знамето може да се унапреди во графичка смисла, без да се менува неговиот препознатлив мотив.

„Не да се менува мотивот, туку графички да се дотерува и неговите апликации да се разработуваат“, вели Грчев во Отвореното студио на 4ТВ по повод 35 години независна Македонија, говорејќи за можноста за подобрување на изгледот и примената на македонското знаме.

Грчев смета дека денешното знаме имало одредена графичка слабост во начинот на кој се поставени сончевите зраци. Во оригиналното решение, зраците треба да излегуваат од централниот диск, но, како што објаснува Грчев, при донесувањето на знамето во Собранието дошло до несоодветна техничка интерпретација.

Според него, тоа можело да се исправи со внимателна графичка интервенција.

„Јас сакам да се елегантно стеснат до самиот диск и тоа да биде графички поуредено“, објаснува Грчев за 4ТВ.

За него, ваквата интервенција не би значела создавање ново знаме, туку негово визуелно усовршување, нагласувајќи дека мотивот на сонцето треба да остане, бидејќи токму тој е суштинскиот визуелен идентитет на знамето.

„Државните инсигнии, и грбот, и знамето, сите земји ги дотеруваат, ги обновуваат“, вели тој, посочувајќи дека во Македонија постои страв од какво било посегнување по државните симболи.

Според Грчев, потребно е да се направи разлика меѓу промена на симболот и негово графичко усовршување.