Гранките и лисјата од скопските улици и паркови ќе се горат во УСЈЕ

Гранките и останатиот биолошки отпад од скопските паркови и зелените површини ќе се користат како алтернативно гориво при производството на цементарница УСЈЕ. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов и главниот извршен директор на цементарница УСЈЕ Борис Хрисафов денеска ја презентираа најновата инвестиција за искористување на биомасата во производствениот процес.

Градот Скопје со оваа компанија има започнато начелни разговори како дел од Стратегијата за управување со комуналниот отпад на Град Скопје во однос на ова прашање.

„Ние како Град Скопје кога веќе започнуваме, отворивме и центри за рециклажа на дел од органскиот отпад што е подобен да се користи како алтернативно гориво по процесот на рециклирање и може да биде употребен, овдека зборувам и за гранките што се сечат од дрвјата и за друг вид биолошки отпад којшто сега се складира и претставува загадување на животната средина“ изјави градоначалникот Петре Шилегов.

Искористувањето на гранките, растенијата и останатите отпадоци од скопските паркови како гориво во производствениот процес ќе го намали биолошкиот отпад, којшто неретко останува долго време расфрлен по зелените површини во Скопје. Ползувањето на биомасата во производствениот процес на ниво на Македонија е во самиот зародиш, а податоците на Агенцијата за енергетика говорат дека постојат единствено три електрани што ја користат биомасата во производството на електрична енергија.