Границите ќе се отворат со протокол помеѓу земјите од балканот

Министерот за здравство Венко Филипче денеска учествуваше на видео конференција на тема „Ковид-19 во земјите од Западен Балкан, Грција и Бугарија“.

На конференцијата учествуваа министрите за здравство на Албанија, Огерта Манастарлиу, на Грција Василеиос Кикиљас, на Република Српска, Ален Шераниќ, на Косово Арменд Земај, како и заменик – министерот за здравство на Босна и Херцеговина, Горан Черкез, асистентот на министерот за интернационална соработка и европски интеграции Данијела Урошевиќ, директорот на Институтот за јавно здравје од Србија, Верица Јовановиќ и директорот на Здравствениот инспекторат во Бугарија, Ангел Кунчев, соопшти Министерството за здравство.

На видео конференцијата која ја иницираше министерот Филипче, учесниците информираа за состојбата со коронавирусот во своите земји, предизвиците со почетокот на учебната година, подготовките на системот за есен и процесот за набавка на вакцината.

Во контекст на темите, министерот Филипче информираше дека во моментов, земајќи ги во предвид главните индикатори за евалуација на епидемијата, состојбата во нашата земја е стабилна. Појасни за препораката на Комисијата за заразни болести и условите под кои на 1 октомври ќе започне учебната година кај нас, како и за подготовките и зајакнување на здравствениот систем за есенскиот период со 16-те монтажни болници низ државата со кредит од Светската Банка. Во однос на вакцината, Филипче рече дека како земја сме заинтересирани за набавка на вакцина и дека освен што сме дел од Ковакс програмата на СЗО, добивме понуда од полскиот амбасадор во нашата земја да купиме количина од Полска од вакцината на Астра Зеника.

Во однос на границите и слободното движење на патници во земјите од регионот, Филипче посочи дека треба да се заземе координиран пристап помеѓу земјите како границите да бидат отворени и да им се олесни преминот на патниците, а притоа да се обезбеди контрола над ситуацијата со коронавирусот, на што се сложија и останатите учесници на конференцијата.

Врз основа на тоа, на видео состанокот е договорено да се изработи иницијален документ на заемен протокол за границите. На документот ќе работи работна група составена од членови од сите земји на Западен Балкан, Грција и Бугарија, а следната видео конференција на која ќе се дискутира за протоколот ќе се одржи најдоцна за две недели, стои во соопштението од Министерството за здравство.

Од Министерството за здравство на Грција соопштија дека Кикиљас им честитал на неговите колеги за напорите за справување со пандемијата, истакнал дека по отворањето на економијата и туризмот, регионот се соочува со нови предизвици, јави дописничката на МИА од Атина. Паралелно, министерот за здравство на Грција го претставил грчкиот модел за справување со кризата.